речник контакт

Што се случува со младинците од Детските домови по полнолетството?

Каков е животниот пат на децата од Домот без родители, по напуштањето на оваа институција

Петар Печков

Кога ќе кажеш дека си дете од дом, не ти даваат можност да се покажеш во која било работа, не ти даваат да одиш напред оти немаат доверба, оти мислат дека децата се криминалци, децата се вакви-такви. А има деца што завршуваат за полицајци и сега се инспектори, значи, станале големи луѓе, покажале дека и тие можат да бидат луѓе како и секој друг граѓанин, е изјавата на И.Ј., еден од младинците кој на 18-годишна возраст ја напуштил установата за згрижување деца и младинци без родители и родителска грижа и бил вклучен во спроведените интервјуа во рамките на проектот на Првата детска амбасада во светот - Меѓаши, наречен: „Од дом на свое“ (From foster to prosper).

Овој проект претставува континуитет во работата на Меѓаши, продолжување на иницијативата за грижа за младинците и давање психо-социјална и едукативна поддршка за нивниот натамошен самостоен живот. Како дел од ангажманите во минатите години, Првата детска амбасада во светот - Меѓаши организираше курсеви за странски јазици и информатички технологии, обука за кулинарски вештини и охрабрување за самостоен живот, лобирање и застапување и директни психо-социјални советувања.

- За да постигнеме мултидисциплинарен и регионален пристап во поддршката на оваа категорија младинци започнавме нов регионален проект со Опен Медиа Гроуп од Хрватска како носител на проектот, а во соработка со невладини организации од Србија и Словенија. Проектот, кој започна со реализација во октомври 2011 година, е финансиран од Европската комисија и има за цел да обезбеди активно социјално вклучување на младите кои ги напуштиле установите за сместување деца и младинци без родители и родителска грижа, да промовира нивно вработување и еднакви можности. Целта на проектот е да го поттикне интересот на работодавачите за вработување на овие млади луѓе, а дополнително се организираат и работилници предводени од стручни лица во кои се спроведува обука поврзана со аплицирање за работно место, вели Катерина Конеска од Детската амбасада Меѓаши.   

Една успешна приказна кога станува збор за овој профил на млади излезени од Домот за деца без родители е онаа на дваесет и петгодишната Елеонора Пешевска.

Елеонора живее под кирија заедно со својата сестра. До својата 18-та година живеела во Дом за деца без родители. Таа тврди дека пред да го напуштат домот на овие деца им  се нуди можност за вработување или ако се одлучат да студираат, министерството им обезбедува средства за кирија и паричен надомест.

- Значи, не се на улица. Кај мене беше малку потешко, па ете, преживеав и не сум на улица, ниту пак некогаш бев. Меѓутоа, има и деца кои одлучуваат да тргнат по друг пат, но за тоа одлучуваат самите, а не некој друг. Потоа велат дека се оставени на улица за да го привлечат вниманието на медиумите. Ете, за жал, тоа е вистината, вели Елеонора.

Нејзините први сеќавања кога станува збор за престојот во Домот за деца без родители не се  многу пријатни, со оглед на нејзината судбина која ја довела дотаму. Имено, мајката на Елеонора починала кога таа имала само шест години и се уште одела во забавиште, а седум години подоцна нејзиниот татко се самоубил. Секој почеток е тежок, па така и нејзиното доаѓање во домот. И биле потребни неколку месеци за да се вклопи во новата средина. Имала 13 години и завршено седмо одделение во ОУ „11 Октомври“ во Куманово. Осмо одделение завршила во ОУ „Коцо Рацин“, а потоа и гимназија во ДСУ „Цветан Димов“, општествено-хуманистичка насока. Потоа добила стипендија за додипломски и постдипломски студии на Еуро Колеџ во Куманово. Домот го напуштила пет месеци по запишувањето на студии и се вратила во родниот град.

 Во тој период Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Центарот за социјални грижи, ми остварија право на домување во износ од 3.000 денари месечно со кои ми беше платена киријата, а за останатите трошоци за издржување имав наследено семејна пензија од татко ми. Периодот додека бев студент не беше нималку лесен, со оглед на тоа што безброј пати наидував на препреки. Одреден период ми ја укинаа пензијата, потоа и средствата што ми беа одобрени за домување, па бев принудена да се вратам во Скопје кај сестра ми која тогаш беше вработена, па неколку месеци се грижеше за се, плаќаше кирија, сметки, се грижеше за се што беше потребно за да можам да го поминам тој период.

Меѓутоа, по извесно време и таа остана без работа па околу една година и двете се издржувавме со семејната пензија од татко ми која во меѓувреме ми беше повторно одобрена. Да бидам искрена, не беше ни најмалку лесен целиот тој трнлив пат, но ниту јас, ниту сестра ми, не бевме исплашени. Ги завршив додипломските студии по Бизнис администрација и менаџмент и моментално следам постдипломски студии на кои имам само уште три испити. Сепак, најтешките моменти ги преживеав една и пол година пред да го напуштам домот и тогаш ја добив максималната поддршка од сите вработени во домот. Тоа траеше цели три месеци и кога конечно излегов од тие мрачни тунели си ветив себеси дека ништо што ќе се случи во иднина нема да ме турне. Не сакам да се навраќам во минатото бидејќи тоа е доста болно, а ништо не можам да вратам ниту пак да променам иако би дала се да имав таква можност. 

Сега работам како консултант за услуги во Одделот за односи со потрошувачи во ЕВН Македонија. Во јули 2010 почнав да работам како практикант, потоа работев одреден период на определено време и од април 2011 потпишав договор за вработување на неопределено време. Ако сега ме прашате дали сум задоволна од својот живот, со задоволство ќе ви речам - да. Ако цената да стигнам до овде била толку висока тогаш го ценам секој постигнат успех и се гордеам со тоа што сум сега, иако сметам дека секогаш може да биде и подобро. Сепак, убаво е да бидеме среќни со тоа што го имаме, ја завршува својата приказна Ели.

Пет штитеници од Домот за деца без родители „11 Октомври“, пак, се вработени во јавното претпријатие Градски паркинг-Скопје, чија основна дејност е организирање на сообраќајот во мирување, односно стопанисување со јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање на територијата на град Скопје.

Идејата за вработување на овие младинци била поттикната од двете страни - од Директорот на ЈП Градски паркинг-Скопје и од Директорката на  Домот за деца без родители и родителска грижа „11 октомври“, но и едно самоиницијативно вработување од страна на штитеникот, а сега нивен вработен, хигиеничар на јавни паркиралишта, Кире Лазаров кој претходно работел како сезонски работник во ЈП Паркови и Зеленило.

Идеја за вработување на една штитеничка, Христина Арсова, директорот доби преку медиумите, односно, таа имаше на телевизија интервју за нејзиниот живот и потребата од вработување, па директорот во домашни услови го запишал бројот и утредента кога дојде на работа ја замоли секретарката да се јави на телефонскиот број и да ја повика  Христина. Ете така се случи да се вработи штитеничка, а сега одговорен и мил работник -наплатувач. Колегите работат на  одговорни работни места, како наплатувачи, контролори на зонско паркирање, хигиеничар. Сите овие работни места носат одговорност во поглед на односот кон парите, луѓето, странките итн. Искуството со нив  е прекрасно, навреме доаѓаат на работа, навреме заминуваат од работа, не ги напуштаат работните места без да се консултираат со претпоставените, се грижат за угледот на претпријатието. Во односот со колегите и странките се емпатични, а кон претпоставените - послушни, љубезни, ведри и расположени.

Мотивот е јасен: општествено-одговорна компанија носи одговорни одлуки, грижејќи се за оваа целна група. Претпријатието придонесува да се вработат младинците, а со тоа  да го одат посигурно животниот пат, вели Елизабета Атанасова, раководител на сектор за правно-административни работи и човечки ресурси во ЈП Градски паркинг - Скопје.

Инаку, во рамките на проектот чија цел е да обезбеди активно социјално вклучување на младите од установите за сместување деца и младинци без родители, да промовира нивно вработување и еднакви можности, остварена е соработка со Министерството за труд и социјална политика, со Агенцијата за вработување, со Заводот за социјални дејности, како и со установите за згрижување на деца и млади (Детскиот дом „11 Октомври“ и СОС детското село).

Од Детската амбасада Меѓаши беше организиран Саем на кариера на кој е овозможена директна средба на компаниите и младинците кои ги напуштаат установите за згрижување деца и младинци без родителска грижа. На овој начин младинците добија повеќе информации за тековните потреби на пазарот на трудот, за компаниите и нивните политики на вработување, за трендовите на вработување во целина, како и за значењето на образованието и практичното искуство со цел обезбедување подобро работно место.

 текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »